Европската кошарка би можела да доживее историски пресврт. НБА подготвува потенцијална понуда за преземање на Евролигата, а ова прашање би можело да биде разгледувано на состанокот на сопствениците на клубовите на 5 октомври во Италија, пренесува „Газета дело Спорт“.
Доколку навистина пристигне понуда, клубовите ќе мора да одлучат дали ќе прифатат нов модел под капата на НБА или ќе продолжат со сопствениот план за развој на натпреварувањето. Евролигата веќе работи на голема трансформација. Планот предвидува проширување на лигата на 24 екипи од сезоната 2027/28, како и постепено преминување кон систем на долгорочни франшизи. Предвидено е да се доделат до осум нови франшизи, а во конкуренција се 11 клуба од Европа.
НБА, во меѓувреме, активно го турка сопствениот проект за европска лига, со план новото натпреварување да стартува во есента 2027 година.
Токму затоа претстојниот состанок во Италија би можел да биде еден од најважните во историјата на европската клупска кошарка. На маса ќе има две опции – НБА да ја преземе Евролигата или европските клубови самостојно да продолжат со планираната трансформација.


