Речиси е сигурно дека НБА ќе се прошири на 32 тима ова лето или најдоцна следното, тврдат американските медиуми.
Преку океанот, од вчера постојано се зборува дека на претстојниот состанок на сопствениците со Лигата во март ќе се гласа за проширувањето со два нови тима, при што Лас Вегас и Сиетл се фаворити, но има информации дека и Канзас Сити има инспирации да создаде тим во градот. Уште во декември, пред финалето на НБА Купот, Адам Силвер рече дека не е тајна дека Лигата истражува потенцијални нови пазари, при што Вегас и Сиетл покажуваат најсериозен интерес.
Ако ова стане факт, ќе дојде и до сериозен пресврт – веројатно двете нови франшизи ќе играат на Запад, а два од следните тима ќе мигрираат во Источната конференција – Минесота, Њу Орлеанс или Мемфис (чисто од географски причини).
Според правилата на Лигата, двата нови тима ќе мора да учествуваат во таканаречениот „Драфт за проширување“ во кој секој постоечки тим ќе може да заштити 7 или 8 од своите тековни играчи, а двете нови организации ќе мора да ги пополнат своите тимови од играчите што ќе си заминат.
Дополнително, новите тимови имаат 66,7% од актуелниот лимит за плати во НБА во првата сезона и околу 80% во втората, а целиот износ им е достапен дури пред почетокот на нивната трета кампања во Лигата. Тоа сигурно значи дека двете нови организации ќе бидат „фенерџии“ во првите две години и дури во третата ќе можат да им конкурираат на ривалите. Многу поверојатно е НБА да се прошири во 2027 година и покрај тоа што и Сиетл и Лас Вегас веќе ја имаат потребната инфраструктура за настап во лигата.


