Претседателот на ФИБА Европа, Хорхе Гарбахоса денеска објави дека НБА сигурно влегува во европската кошарка, а ја истакна својата прогноза кога би се случило тоа.
Шпанецот е исклучително задоволен од Европското првенство кое е пред својот крај, а најави дека клупската кошарка наскоро ќе доживее големи промени.
„Имам само позитивни мисли за влезот на НБА во европската кошарка бидејќи мислам дека таа е најдобар партнер за промоција на кошарката. Не е лесно да се креира едно големо натпреварување, потребно е време, но верувајте ми дека ќе се случи. Кога, ќе видиме. Мислам дека 2027 година е добра година за тоа. Ние сме партнери бидејќи вистински веруваме дека ова ќе биде добро не за ФИБА или за некој друг, туку за европската кошарка“, истакна Гарбахоса.
Евролига засега жестоко се противи на основањето нова организација и ново кошаркарско натпреварување. Постои можност дел од клубовите, особено Реал и Барселона, да се преселат во НБА Европа, а најавено е формирање нови клубови како Манчестер Сити, ПСЖ, Челси, Милан итн.


