Српскиот репрезентативец Алексеј Покушевски ќе биде ново засилување за Партизан во пресрет на новата сезона, тврдат утринава медиумите кај нашиот северен сосед.
Пред две недели, тој доби отказ од Шарлот Хорнетс, а со оглед на тоа што во моментов не постои интерес за него од ниедна НБА екипа, реално е да го облече дресот на Партизан кој полека го склопува тимот за новата сезона и настапот во Евролигата. Покушевски во моментов е со српската репрезентација со која се подготвува за Олимписките игри во париз.
Покушевски е роден во Белград, но никогаш во кариерата не играл за српски клуб. Почна на 17-годишна возраст во Олимпијакос, на 18 веќе беше во НБА, во тимот на Оклахома каде настапуваше четири сезони пред да му биде раскинат договорот во февруари оваа година. Крајот на сезоната го дочека во Шарлот за кого одигра 18 натпревари, без особен ефект.
Партизан досега како нови играчи официјално ги потврди само Вања Маринковиќ, Ифе Лундберг и Френк Нтиликина, но готови се договорите и со Брендон Дејвис и Карлик Џонс, а се очекува потврда за Стерлинг Браун, Тајрик Џонс, Ајзеа Мајк, Исак Бонга, Марио Накиќ и Аријан Лакиќ.


