Екипата на Уникс намали на 1-3 во финалната серија од ВТБ лигата откако вечерва славеше како гостин кај ЦСКА со 96-80.
Со тоа врати еден од двата брејка на противникот, но пред тимот од Казан претстои уште многу работи бидејќи му се потребни уште три победи за да ја одбрани титулата. Денешниот триумф е апсолутно заслужен ако се знае дека Уникс водеше во текот на целиот натпревар и апсолутно покажа дека моменталниот резултат во финалната серија не е реален.
Убедливо најдобар поединец на мечот беше македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ кој не дозволи неговиот тим да добие „метла“. За безмалку 30 минути во игра, нашиот плејмејкер постигна 27 поени со 9 скока и 3 асистенции за индекс 38, убедливо највисок на мечот. Погоди четири тројки од четири шута, имаше 4/6 за два и 7/9 од линијата за слободни фрлања.
Четвртиот натпревар од серијата се игра во Казан каде Уникс ги загуби двата досегашни дуела од финалето со ЦСКА.


