Со кадетскиот шампионат во Скопје, во саботата официјално завршија настапите на македонските младински селекции на меѓународна сцена за ова лето.
Младинците испаднаа од А-дивизицијата, јуниорите се пласираа таму, а кадетите останаа каде што беа, во Б-дивизија што значи дека повторно ќе имаме барем една репрезентација во елитната конкуренција. Сепак, ако се земат предвид резултатите и остварените победи, ова лето е најуспешно за машките младински селекции од осамостојувањето на Македонија. Мора да се истакне дека дури последните десетина години на меѓународна сцена истовремено учествуваат три македонски репрезентации бидејќи порано редовно барем една од нив не беше пријавувана и не учествуваше во системот на ФИБА.
Најдобриот биланс не е само поради титулата што ја освои јуниорската репрезентација на Б-шампионатот во Скопје, туку и поради вкупниот број остварени триумфи на сите три селекции. Македонските репрезентации летово остварија 14 победи, што не се случило никогаш порано и тоа на 22 одиграни натпревари (14/8, 63%). Досега, нашите тимови имале позитивен биланс само во 2018 година кога имаа 12/11. Тие 12 победи беа и рекорд до оваа година.
Јуниорите засекогаш ќе останат запишани во историјата на македонската кошарка бидејќи освен тоа што на нашата земја ѝ го донесоа првото злато од натпреварувањата на ФИБА, тоа го направија со максимален ефект – осум победи на осум натпревари од кои седум со двоцифрена разлика.
Позитивен биланс имаа и кадетите кои имаа несреќа да бидат жртви на математиката и го освоија десеттото место иако имаа реални шанси да се пласираат во четвртфиналето, можеби и во полуфиналето, а со тоа и да се борат за пласман во А-дивизијата. Кадетската селекција го заврши првенството со пет победи и два пораза.
Најголемиот број порази ова лето одат на У20 репрезентацијата, но мора да се знае дека таа беше единствена што играше во А-дивизијата. Испадна оттаму, заврши со биланс 1/6 и ја продолжи традицијата на таа генерација, да се задржува во елитната конкурнција само по една година, како што беше во 2000 и 2007 година.
Сепак, најважно е тоа што во сите три селекции има материјал за сениорската репрезентација на што ќе треба во иднина интензивно да се работи. Дел од кошаркарите кои настапија летово и во моментов се сениорски репрезентативци, но секако ќе бидат во конкуренција во годините што доаѓаат.


