Репрезентациите на Србија и САД се најдоа во иста група на Олимписките игри во Париз, при ждрепката што се одржа денеска.
Селекциите се дел од групата Ц и се очекува да приредат спектакл за љубителите на кошарката на олимпискиот турнир, особено ако се знае дека е најавено да настапат со некои од своите најголеми ѕвезди. Својот настап за американската репрезенација го најавија Леброн Џејмс, Кевин Дурант, Стеф Кари итн, а се уште е неисзвесно дали за Србија ќе игра двојниот МВП во НБА лигата, Никола Јокиќ. Дуелот на овие две репрезентации ќе биде реприза на финалето од Олимписките игри во Рио де Жанеиро во 2016 година.
Покрај Србија и САД, во групата се уште Јужен Судан и најверојатно Литванија или Италија, во зависност од исходот на квалификацискиот турнир што ќе се одржи во Порторико, каде учествуваат уште Мексико, Брегот на Слоновата Коска, домаќинот и Бахреин.
Актуелниот светски шампион Германија е во групата со домаќинот на Игрите, Франција, потоа Јапонија и победникот од квалификацискиот турнир во Летонија. Најнеизвесно би можело да биде во групата А во која сигурни се само Австралија и Канада, а друштво би можеле да им прават Словенија, Шпанија или Грција.