Пред да стане успешен тренер, Емил Рајковиќ беше и еден од најдобрите шутери во македонската кошарка и трофејна кариера која ја почна во својот матичен клуб Работнички.
Тој е актер во еден од антологиските натпревари во македонскиот плејоф, кога во 1999 година, во „мајсторката“ во стариот „Јане Сандански“ со пет тројки му пресуди на МЗТ Скопје за седма титула на 15-кратниот шампион на Македонија. Релативно рано премина во тренерски води, на само 28-годишна возраст, а освен титулите со Работнички, беше учесник и во уште неколку успеси на меѓународна сцена на тимот од Градски парк.

На почетокот од овој век, Работнички редовно учествуваше во тогашната Северноевропска лига (НЕБЛ) и тоа во Јужната дивизија, со екипи од Романија, Србија, Бугарија, Турција, Израел итн. Во тој период дојде до раскол во европската кошарка, беа формирани АБА и Евролига и на големо се правеа вакви регионални натпреварувања. Во сезоната 2001/02, Работнички го освои првото место во Јужната дивизија, а на патот до тој успех го победи и Фенербахче и тоа на гостински терен со 85-80. Дел од тој тим на Работнички беше и Рајковиќ, а екипата ја предводеше еден од најдобрите македонски стручњаци Стерули Андоновски. Мора да се истакне дека Фенербахче тогаш не беше на сегашното ниво, до тој период имаше само четири шампионски титули во турското првенство и воопшто не учествуваше во Евролигата, а во моментов има 15 трофеи во домашното првенство и две во елитното европско натпреварување од кои една од минатата сезона.
Од тој успех на Работнички поминаа безмалку 24 години, а Рајковиќ во саботата дочека да го победи Фенербахче и како тренер. Овој триумф има многу поголемо значење од оној во 2001 година, меѓу другото и како потврда дека Рајковиќ секако припаѓа во европската тренерска елита.
Од тој состав на Работнички може да се забележи дека во него биле уште четворица кои сега работат како тренери: довчерашниот селектор на македонската репрезентација Александар Јончевски, потоа поранешните тренер на Работнички, Горан Самарџиев и Тони Симиќ, како и Марјан Ѓуров.


