Актуелниот АБА шампион Црвена Звезда доживеа еден од најтешките порази во регионалното натпреварување откако вечерва загуби на гостувањето кај Будуќност со 70-104.
Црногорскиот претставник покажа дека првото место од основниот дел на сезоната не било случајно, одигра извонреден натпревар и апсолутно заслужено го потопи противникот кој оваа сезона игра под сите очекувања во АБА лигата. Се беше решено уште во првото полувреме во кое домаќинот постигна 56 поени и имаше +16 во своја корист.
На почетокот од второто полувреме дојде до прекин откако по една мешаница, кошаркарите на Црвена Звезда заминаа во соблекувална, но дури ни тоа не му попречи на тимот од Подгорица. Откако гостите се вратија, Будуќност одигра уште посилно и поцврсто и тотално ја уништи противничката екипа.
Блескаше Сулајмон кој за 18 минути во игра постигна 24 поени со пет тројки од осум обиди. Будуќност беше подобра во секој статистички сегмент, Звезда шутираше само 37,5% од игра и тука треба да се бара причината за поразот.
Вториот меч се игра в четврток од 19 часот во Белград, а пласман во финалето ќе обезбеди тимот кој прв ќе дојде до две победи. Во втората полуфинална серија, Партизан поведе со 1-0 откако вечерва беше подобар од Дубаи на домашен терен со 102-72.


