Актуелниот европски шампион Реал Мадрид е вториот финалист во овогодишното издание од Евролигата.
Шпанскиот гигант ја оправда фаворитската улога и уште еднаш го совлада Олимпијакос, по ланскиот триумф во мечот за титулата од елитното натпреварување. Во вториот полуфинален меч, Реал славеше со 87-76, пред се благодарение на одличното прво полувреме во кое му одржа час по кошарка на својот ривал.
Шампионот почна одлично, во првата четвртина постигна седум тројки и направи предност од неверојатни 18 поени разлика (28-10). Играчите на Реал погодуваа од секоја позиција, а Олимпијакос иако важи за одличен дефанзивен тим, не можеше да најде одбрана за расположениот противник. Предноста до крајот на полувремето одеше и до 25 разлика (54-29) и на Олимпијакос му се закануваше вистинска катастрофа. Во тоа прво полувреме Реал шутираше со 75% за три и 69% за два поена, па не е чудо што едноставно го прегази Олимпијакос.
Сепак, во вториот дел, грчкиот првак почна да игра нешто, намали на десет разлика во финишот од третиот период (56-66), во последниот и на -8 (69-77), но Реал има премногу квалитет во своите редови за да дозволи таков пресврт. Во клучните моменти, Љуљ и Муса имаа неколку значајни потези и кошеви и тоа го одби Олимпијакос во обидот да го сврти резултатот во своја корист.
Муса со 20 поени беше најефикасен во победничкиот тим, Хезоња заврши со 12, сите постигнати во првата четвртина, а двоцифрени беа и Поарие и Јабуселе. Алекс Питерс го предводеше Олимпијакос со дабл дабл од 23 поени и 10 скока. Во финалето, Реал ќе игра со Панатинаикос со кого има 1-1 оваа сезона во Евролигата. Тоа ќе биде 21. финале за мадридскиот гигант во обид да дојде до 12. титула и првпат по 56 години да го одбрани трофејот.


