Официјалниот спикер во белградската Арена соопшти дека вториот натпревар од финалната серија во Кошаркарската лига на Србија е прекинат и нема да се продолжи вечерва.
Останатите 18 минути ќе се доиграат утре, а терминот дополнително ќе биде одреден. Тоа е епилог на уште една срамна епизода во српската кошарка, поточно во дуелите меѓу градските ривали Партизан и Црвена Звезда.
Во моментот на прекинот, Партизан водеше со 57-45 по што во целата еуфорија, домашните навивачи почнаа да ги навредуваат противничките играчи, членови на нивните семејства и функционерите, па дури и српски политичари. Судиите ја прекинаа играта и бараа да се прекине со навредите, но тоа само го зголеми револтот и фановите на Партизан почнаа да фрлаат предмети на теренот, во близина на клупата на Црвена Звезда.
„Црвено-белите“ водат со 1-0 во финалната серија и победија на последните седум натпревари против Партизан. Од навивачите на Партизан може да се слушне дека утре екипата нема да излезе на терен што само ќе ја продолжи агонијата во српската кошарка.


