Најтрофејниот европски стручњак Жељко Обрадовиќ е максимално фокусиран на Партизан и воопшто не размислува за селекторската позиција во српската репрезентација.
Во својата кариера, тој беше селектор, но на поранешната држава СР Југославија од 1995 до 1999 година и подоцна на Србија и Црна Гора од 2004 до 2005 година. По катастрофалниот настап на Европското првенство во 2005 на домашен терен, Обрадовиќ жестоко ги искритикува играчите за нивното однесување и поднесе оставка по што ни на памет не му падна повторно да седне на клупата. Таа тема се отвори и сега, но Обрадовиќ го даде истиот одговор.
„Мислам дека е невозможно да се вратам на клупата на српската репрезентација, таа книга ја затворивме уште во 2005. Во Кошаркарскиот сојуз на Србија има луѓе со кои сум близок, особено претседателот Саша Даниловиќ. Тој е еден од моите ученици и кога и да се појави прилика, ме повикува да ја преземам репрезентацијата. Мојот одговор е секогаш ист, знае што ќе му кажам“, вели Обрадовиќ.
Како селектор, тој има титула од Европското првенство во 1997 и Светското во 1998 година, сребро од Олимписките игри во 1996 и бронза од Еуробаскетот во 1999 година.


