Македонскиот шампион МЗТ Скопје продолжува со напорниот распоред во октомври, нешто што беше најавено уште пред почетокот на сезоната.
За месецов беа предвидени дури десет натпревари, но се чини дека најтешко ќе биде во финишот од октомври. Серијата дуели во краток период веќе почна со гостувањето кај Вирцбург, а продолжува во следните десетина дена.
Експедицијата на МЗТ Скопје синоќа се врати од Германија откако во вторникот се сретна со Вирцбург, а денеска во 14 часот веќе тргна за Никшиќ каде в сабота од 13 часот ќе се сретне со Сутјеска. По враќањето, во вторник следува дуел против АЕК Лимасол во четвртото коло од ФИБА Европа купот, па в четврток гостување кај Струмица во домашното првенство и капак, дуел со Пелистер на домашен терен, на 31 октомври или 1 ноември. Ваквото темпо прави проблеми и во плановите за тренинзи бидејќи кошаркарите буквално немаат време ни за рехабилитација по натпреварите, ни за одмор, ни за подготовки за противниците.
Таквиот распоред ќе продолжи се до репрезентативната пауза, кон крајот на ноември, кога дел од играчите ќе можат да „земат воздух“ додека членовите на националниот тим ќе продолжат со подготовки за дуелот против Кипар. Позитивна околност е тоа што со Кипар играме на домашен терен што значи дека нема да има тешко патување.
Дополнителен проблем за МЗТ Скопје е тоа што треба да го одигра и заостанатиот натпревар против Слобода Ужице кој беше закажан за крајот на септември, но потоа одложен поради штрајкот на судиите во АБА. Лигата ќе треба да најде нов термин за овој меч, кој уште повеќе ќе го згусне распоредот на шампионот.


