Турскиот стручњак Ергин Атаман не е навикнат да губи на важни натпревари, па исклучително тешко му падна денешниот пораз од Германија во финалето од Европското првенство.
Неговата репрезентација беше блиску до триумф, но потклекна во финишот и мораше да му честита на противникот кој вторпат во историјата ја освои континенталната круна. На лицето на Атаман видливо беше разочарувањето од поразот, а тоа се манифестира и во неговата изјава по мечот.
„Мислам дека во овие три недели во Рига зборувавме за се и немам ништо ново да кажам. Тажни сме поради поради поразот, потресени, сепак ѝ честитам на Германија на освоената шампионска титула“, рече Атаман.
Сепак, тој кажа нешто повеќе во врска со натпреварот иако не сакаше да прави детални анализи на она што се случи во Рига.
„Не сакам да ги коментирам одлуките на играчите. Натпреварот е готов, Шенѓун шутна и немам што да кажам во врска со тоа. Кога ќе загубам, нема позитивни работи. Можеби утре ќе можеме да зборуваме, сега сум многу тажен бидејќи го имавме натпреварот во свои раце. Ништо не е позитивно“, додаде турскиот селектор.
Турција првпат во историјата освои медал на големите натпреварувања на првенство на кое не е домаќин и тоа дава дополнителна тежина на овој успех.


