Еден од најинтересните натпревари денеска во Евролигата е дуелот во белградската Арена каде Партизан ќе ја пречека Олимпија Милано .
Иако двете екипи се далеку од местата кои водат во плејофот, овој меч ќе го привлече вниманието од повеќе причини. Партизан не смее да си дозволи уште еден кикс бидејќи се наоѓа во серија од пет порази што е најлоша низа во моментов во Евролигата. Олимпија Милано неколку пати оваа сезона загуби „добиени“ натпревари, а се уште нема триумф на гостински терен, на четири меча колку што одигра досега.
Мечот ќе биде интересен и за македонските љубители на кошарката бидејќи првпат во својата кариера, нашиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ ќе игра против Партизан во Белград. Додека беше член на Хувентут, каталонската екипа се сретна со „црно-белите“ во Еврокупот, но Димитријевиќ тогаш не беше во тимот од здравствени причини.

Македонскиот плејмејкер никогаш не ги криел своите симпатии кон Партизан, а и навивачите на белградскиот тим посакуваа минатото лето тој да дојде кај нив, како дел од реконструкцијата, односно реновирањето на ростерот. До соработка не дојде, но Димитријевиќ вечерва ќе има можност да ги демонстрира своите квалитети и да почувствува во живо како изгледа фантастичната атмосфера која ја прават приврзаниците на Партизан. За волја на вистината, сезонава тоа не им помага многу на „црно-белите“ бидејќи на четири меча на домашен терен имаат само една победа, но секако на трибините ќе има околу 20 илјади гледачи.
И Никола Миротиќ вечерва првпат ќе излезе пред навивачите на Партизан во Белград откако во летото 2023 го „извиси“ клубот и во последен момент ја одби понудата оттаму. Лани Црногорецот со шпански пасош не играше против Партизан во Арена поради повреда, па ќе биде интересно да се види како ќе биде пречекан вечерва, во мечот кој почнува во 20:30 часот.


