Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ одигра уште еден неверојатен натпревар во ВТБ лигата и повторно против најтрофејниот тим во Русија, ЦСКА.
Во мечот кој одлучуваше за првопласираниот по основниот дел од сезоната, нашиот кошаркар буквално го одлучи победникот и сам го победи московскиот ривал. Уникс славеше со 88-78 и во плејофот ќе влезе од првата стартна позиција.
Бројките зад името на Димитријевиќ се, најблаго кажано, фантастични: 40 поени (8/11 за два, 7/9 за три, 3/4 од линијата за слободни фрлања), 9 асистенции, 6 скока, 2 украдени топки, 8 изнудени лични грешки и индекс 52. Постигнатите 40 поени и индекс 52 се негов рекорд во ВТБ лигата откако досегашниот најдобар ефект го забележа на претходниот меч против ЦСКА, одигран минатиот месец кога реализира 38 поени и индекс 48.
Со ова, репрезентативецот на Македонија направи огромен чекор кон признанието за МВП на сезоната во ВТБ лигата бидејќи, како што рече неодамна директората Илона Корстин, наградата оди кај играч од најдобриот тим по основниот дел од сезоната. Што се однесува до ЦСКА, конечниот пласман ѝ зависи од исходот на утрешниот меч меѓу Зенит и Парма. Ако победи Зенит, ЦСКА ќе го освои третото место.


