Францускиот репрезентативец Еван Фурние многу скоро, можеби уште вечерва ќе биде претставен како нов играч на Олимпијакос.
Грчките медиуми тврдат дека се е договорено и дека двете страни треба само уште да стават потпис на двегодишната соработка од која искусниот кошаркар ќе заработи четири милиони евра. Фурние играше 12 години во НБА лигата, две во Денвер, седум во Орландо, половина во Бостон и три во Њујорк, но одлучи да се врати во европската кошарка и ќе биде голем адут на Олимпијакос во обидот да ја освои првата титула во Евролигата по пауза од 12 години. Интерес за Фурние имаше и од Реал, но грчкиот вицешампион беше поконкретен и успеа да го донесе Французинот во своите редови.
Неговото доаѓање ќе предизвика уште една промена во тимот на Олимпијакос. Од Пиреја ќе си замине српскиот репрезентативец Филип Петрушев кој ќе се врати во Црвена Звезда, но на позајмица.
Такво нешто попладнево најавуваат грчките медиуми, а познато е дека АБА шампионот посакува да го врати Петрушев во своите редови.


