Она што неодамна го најави КОШ.МК полека се остварува бидејќи деновиве, можеби до крајот на неделава, Дерин Говенс треба официјално да стане играч на ТФТ како најголемо засилување за клубот пред почетокот на новата сезона.
Станува збор за играч со безмалку дводецениско кошаркарско искуство од што 14 години помина во европската кошарка. Најзвучно име во кое настапуваше е поранешниот европски шампион Лимож, а во својата биографија ги има и Нижњи Новгород, Шоле, Нанси, филијалата на Сакраменто Кингс и неколку клубови од Унгарија од каде и доаѓа во земјава.
Но, ситуацијата со ТФТ и Говенс е исклучително интересна и несекојдневна за македонската кошарка. Деновиве се финализираат правните аспекти од договорот меѓу двете страни, кошаркарот треба да потпише на 3+1 година со тоа што последната сезона ќе зависи исклучиво од Говенс, имајќи предвид дека тогаш ќе биде на залезот на четвртата деценија од животот и не е исклучено да размислува за крај на кариерата.
Најинтересниот дел е тоа што покрај играчкиот договор, Говенс ќе добие место во Управниот одбор на ТФТ бидејќи е постигната согласност за купопродажба на 25% од акциите на клубот од група странски инвеститори, предводени од кошаркарот. Заедно со откупот на акциите, Говенс и групата инвеститори се обврзани во договорен период да донесат директни инвестиции во ТФТ, согласно утврдените цели и амбиции на клубот, а кои се насочени кон подигнување на степенот на организација, плус борба за трофеите во домашното првенство и етаблирање во европски рамки.
Сето ова носи нова димензија не само во Кошаркарскиот клуб ТФТ, туку и во македонската кошарка. За ТФТ не е необично играч да биде член на Управниот одбор бидејќи во таква улога е и капитенот Едис Нури, но тој е во клубот од неговото формирање, за разлика од Говенс кој очигледно има долгорочни планови во Македонија со која го врзуваат и лица од приватниот живот.


