До пред еден месец изгледаше деека Фенербахче убедливо ќе го освои првото место по основниот дел на сезоната во Евролигата и како лидер ќе влезе во плејофот, а со тоа ќе ја има предност на домашниот терен.
На меч пред крајот, турскиот и европски шампион се наоѓа на четвртата позиција со серија од пет пораз и со несигурност дали ќе се избори за предност во четвртфиналето. Можеби има среќа бидејќи во последното коло го пречекува отпишаниот Асвел, но и не зависи се од него бидејќи Хапоел има натпревар помалку и ако ги добие двата ќе биде четвртопласиран на крајот бидејќи е подобар во меѓусебните дуели со Фенербахче.
Кризата на Фенербахче почна пред нешто помалку од еден месец и не е само во Евролигата, туку и во турското првенство. Од 13 март екипата од Истанбул одигра вкупно 12 натпревари и оствари само три победи и тоа против отпишаниот Бујукчекмеџе и Меркезефенди во домашниот шампионат и Олимпија Милано во Евролигата.
За разлика од Евролигата каде го загуби првото место, во турското првенство уште го држи првото место, но со ист број бодови со Бешикташ. Таму ќе решава директниот дуел со „црно-белите“ кој се игра во претпоследното коло, на почетокот на мај, на теренот на Фенербахче.


