Српскиот и АБА шампион Партизан ја прекина серијата од четири порази во Евролигата откако вечерва на домашен терен го совлада Монако со 78-76.
„Црно-белите“ славеа со само два поена разлика и покрај тоа што на седум минути пред крајот имаа +20 (74-54). Се чинеше дека конечно без проблеми ќе дојдат до победа во елитното натпреварување, но во следните пет минути Монако направи серија од 22-0 и го презеде водството, на запрепастување на домашните навивачи.
Серијата на гостите ја прекина Покушевски кој израмни, а потоа Фернандо ги искористи слободните фрлања по неспортскиот прекршок на Тарпи. Во последните 103 секунди немаше поени, а Монако во финишот промаши три обиди за израмнување или победа.
За Монако ова беше четврти пораз сезонава, а прв по серијата од три победи. Францускиот прволигаш се наоѓа на петтото место, но далеку е од игрите од минатата сезона.


