Барселона поведе со 2-1 во четвртфиналната серија од плејофот во Евролигата против Олимпијакос откако вечерва го врати брејкот и како гостин славеше во Пиреја со 82-80.
Натпреварот беше решен по продолжение откако по 40 минути и многу пресврти, резултатот беше 71-71. Се беше подготвено и за второто продолжение, на 3,6 секунди пред крајот беше 80-80 и Барселона имаше напад, но Петрушев направи непотребна лична грешка врз Џабари Паркер при шут за тројка и му даде три слободни фрлања. Американецот погоди две, а со оглед на тоа што фаулот беше пред истекот на времето, немаше простор за домаќинот да организира акција и, евентуално, да израмни.
Петрушев со фаулот го поништи своето одлично издание бидејќи беше најефикасен во својот тим со 18 поени. Весели беше прв стрелец на Барселона со 16 поени, но Паркер постигна неколку важни кошеви, заврши со 13 поени на кои додаде 9 скока. Четвртиот меч од серијата се игра в четврток, повторно во Пиреја.
Водство од 2-1 има и Макаби кој вечерва во Белград исто така славеше минимална победа против Панатинаикос со 85-83.


