Поранешниот вицешампион на Македонија, Кожув ја оствари првата победа на гостински терен сезонава откако славеше во Гостивар со 68-66.
Драматичниот дуел се одлучуваше во последните секунди, а домаќините прво загубија топка, а потоа не искористија шут за победа со истекот на времето. Кожув заслужено победи бидејќи речиси цел меч го диктираше темпото, а имаше и 13 поени предност во еден период.
Тоа се случи во почетната фаза од натпреварот, во осмата минута кога гевгеличани поведоа со 24-11. Гостивар брзо намали дел од негативата, но резултатски приклучок фати дури пред крајот на полувремето кога се доближи на само три поени (39-42). Пресвртот се случи во финишот од третиот период кога гостиварци отидоа на своите највисоки +5 (56-51), но Кожув одговори со серија од 11-0 за преземање на водството кое потоа не го испушти до крајот.
Во последните две минути се влезе со само два разлика (64-66), на 17 секунди пред крајот беше 66-68, но Гостивар не успеа да го зададе завршниот удар и да дојде до победа која многу ќе му значеше во овој дел од сезоната.
На гостиварци не им беше доволен ни Дарко Соколов кој иако на 38-годишна возраст, беше најдобар играч во својот тим со дабл дабл од 16 поени и 10 скока на што додаде 5 асистенции. Стевановиќ и Пилепиќ го предводеа Кожув со по 22 поена.


