Легендата на шпанската кошарка Руди Фернандес ќе има можност да се прости од кошарката на Олимписките игри во Париз.
Пред крајот на сезоната, тој објави дека летово ќе се пензионира, а до вечерва не се знаеше дали тоа ќе се случи во Париз или во Валенсија, на олимпискиот квалификациски турнир. Шпанија, сепак, ги совлада Бахами, па 39-годишниот ветеран ќе собори еден од најважните рекорди во репрезентативната кошарка.
За него, Олимписките игри во Париз ќе бидат шести во кариерата и со тоа ќе стане единствен во историјата. На пет Олимпијади учествуваа Оскар Шмит, Пау Гасол, Хуан Карлос Наваро, Луис Скола, Теофило Крус и Ендрју Гејз. Интересно е тоа што Фернандес дебитираше за шпанската репрезентација токму на Олимписки игри, во Атина во 2004 година и на оваа манифестација, но во Париз, ќе стави крај на својата професионална кариера.
На досегашните пет учества, освои три медали и тоа сребра во 2008 и 2012 и бронза во 2016 година.


