Кошаркарскиот клуб Партизан и оваа година е рекордер по бројот на продадени годишни билети во Европа.
Белградскиот гигант објави дека до денеска се продадени над 14.500, а се очекува до почетокот на сезоната бројката да стигне 16 илјади, колку што изнесуваше лани. Колку што Партизан има продадени сезонски билети, голем број од клубовите во Евролигата немаат капацитет во салите во кои ги играат своите натпревари.
„Финансиската стабилизација на која со години работиме, во голема мера зависи од приходите кои ги остваруваме. Наскоро ќе ја известиме јавноста за многу подобри работи, а кои се однесуваат на работењето на Партизан. Армијата на нашите навивачи е наша најголема сила“, напиша претседателот на Партизан, Остоја Мијаиловиќ на социјалните мрежи.
Две години по ред, Партизан е најгледан тим во Евролигата, лани натпреварите на овој тим во Белград ги проследија 338.574 гледачи или во просек по 19.916 на натпревар. За оваа сезона целта е да се достигне бројката од 20 илјади во просек.


