Тони Кукоч повторно ја отвори дебатата за споредбата меѓу европските НБА-ѕвезди од различни генерации. Легендарниот Хрват зборуваше за Никола Јокиќ и Лука Дончиќ, но и за Дражен Петровиќ, Владе Дивац, Дино Раѓа и Арвидас Сабонис.
Кукоч има само пофални зборови за Јокиќ, но смета дека директното споредување со играчите од неговата ера не е едноставно.
„Го величаат Никола Јокиќ. Со право. Феноменален е, кошаркарски гениј чиј преглед на играта ме воодушевува. Сепак, Јокиќ игра во ера во која мора да се бори против тројца силни дефанзивни центри на секој натпревар“, изјави Кукоч.
Тој посебно ја истакна кошаркарската интелигенција на Јокиќ и Дончиќ и нивната поврзаност со европската школа.
„Јокиќ и Дончиќ имаат голема кошаркарска интелигенција која доаѓа од европската, односно балканската школа. Имаат основа до тој степен што тоа е апсолутна наука, а нивното разбирање на играта е многу поголемо од она на остатокот од лигата.“
Сепак, кога станува збор за споредбата со легендите од минатото, Кукоч нема дилема.
„Ги имате Јокиќ, Дончиќ и Јанис. Тоа се тројца големи кошаркари и МВП-играчи. Но, никогаш нема да признаам дека денешните играчи се подобри од Дражен, Дино, Дивац, Сабонис или Марчулионис“, категоричен е Кукоч.
Со својата изјава, легендарниот Хрват повторно ја разгоре вечната дебата – дали воопшто може да се споредуваат големите кошаркари од различни епохи, кога кошарката и условите во кои играле значително се разликуваат.


