Ненад Димитријевиќ се врати во македонскиот национален тим и продолжи таму каде што застана пред 18 месеци.
Во убедливата победа над Австрија со 91-59, плејмејкерот на Арис оствари трипл дабл, станувајќи првиот македонски репрезентативец на кој му успеало тоа во историјата.
Димитријевиќ одигра фантастичен натпревар и заврши со 15 поени, 14 скока и 11 асистенции, статистика која досега никој во македонскиот национален тим не успеал да ја оствари. Димитријевиќ и претходно беше многу блиску до вакво достигнување. Во февруари 2024 година против Полска постигна 32 поени, осум скока и осум асистенции, додека против Естонија на истиот прозорец запиша 25 поени, осум скока и осум асистенции. Во двата случаи му недостасуваа само по два скока или асистенции за трипл дабл.
Изданието на Димитријевиќ е причина за оптимизам пред она што следува – трите преостанати натпревари од овој циклус кои ќе бидат мошне важни за првото место кое води во главните квалификации за Европското првенство во 2029 година.


