По пауза од една година, кошаркарот на Денвер Нагетс, Никола Јокиќ повторно е прогласен за МВП на сезоната во НБА лигата, вкупно трет пат во неговата кариера.
Во изборот за најдобар играч, Србинот освои вкупно 926 бода, со тоа што освои 79 први места, а зад него останаа Шеј Гилџес Александер од Оклахома со 640 бода и Лука Дончиќ од Далас со 566. Јокиќ со ова влезе во друштво на Мозес Мелоун, Лери Бирд и Меџик Џонсон како кошаркари кои три пати во кариерата биле прогласувани за МВП на НБА лигата. Пред нив се само Вилт Чембрлен и Леброн Џејмс со по четири признанија, Бил Расел и Мајкл Џордан со по пет и рекордерот Карим Абдул-Џабар со шест.
Во основниот дел од сезоната, тој одигра 79 од можните 82 натпревара и остваруваше просек од 26,4 поени, 12,4 скока и 9 асистенции со индекс 34,4.


