Како гром од ведро небо одекна веста од Белград – Никола Калиниќ на 34 години ја заврши професионалната кошаркарска кариера.
Српскиот репрезентативец објави дека повеќе нема да биде играч, но останува во Црвена звезда, каде што ќе ја преземе улогата на помошник-тренер. Како причина за одлуката ги наведе животните околности и желбата да остане поблиску до Белград.
Калиниќ во последните две сезони го носеше дресот на Црвена звезда, во неговиот трет мандат во клубот од Мал Калемегдан. Иако неодамна се појавија информации дека за него постои интерес од Војводина, искусниот крилен кошаркар реши да стави точка на играчката кариера.
Калиниќ ја почна професионалната кариера во 2009 година во Спартак Суботица, а потоа настапуваше за Нови Сад, Војводина и Раднички Крагуевац. Во 2014 година за првпат пристигна во Црвена звезда, по што следуваше големиот трансфер во Фенербахче.
Во дресот на турскиот гигант помина пет сезони и го достигна најголемиот клупски успех – титулата во Евролигата во 2017 година. Во кариерата настапуваше и за Валенсија и Барселона, со која во 2023 година ја освои шпанската АЦБ-лига.
Со Црвена звезда двапати беше шампион во АБА-лигата, а во 2022 година беше прогласен и за МВП на регионалното натпреварување. Има и три титули во Турција, како и бројни домашни трофеи.
Посебно место во неговата кариера има и репрезентацијата на Србија. Калиниќ беше дел од тимот кој освои сребро на Светското првенство во 2014 година и на Олимписките игри во Рио во 2016 година.
Така, по 17 години професионална кариера, Калиниќ ја затвора играчката страница, но останува во кошарката – овојпат од клупата на Црвена звезда.


