Македонскиот тренер Никола Василев доби нова функција во Виена Тимбервулфс, каде што ќе биде предводник на првиот тим во новата сезона.
По заминувањето на Џастин Шлункен и Катарина Киндл, клубот го промовираше новото тренерско дуо кое ќе ја преземе одговорноста за тимот. Василев ќе биде шеф на стручниот штаб, а покрај него во тренерскиот тим ќе работи и Макси Зехер. Василев е дел од семејството на Тимбервулфс од минатата сезона, а зад себе има повеќе од 20 години тренерско искуство на највисоко европско ниво.
Работеше во Лиетувос Ритас со кого учествуваше во Еврокупот, потоа и во Легија Варшава, Мажeикиаи и Арка Гдиња. Беше ангажиран и како селектор на младински репрезентации на Македонија, а со младата репрезентација пред три години го освои сребрениот медал на Б-Европското првенство во Скопје..
Василев во пресрет на новата сезона ги истакна амбициите на тимот, но и важноста на развојот на младите кошаркари.
„Многу сум возбуден што ќе ја предводам оваа група во новата сезона. Нашата цел е јасна – сакаме да стигнеме до плејофот. Но, подеднакво важно е и да продолжиме со развојот на играчите. Имаме талентирана група млади кошаркари и нашата цел е да ги подготвиме за барањата на сениорската кошарка и следното ниво. Возбудени сме што почнуваме со работа и со нетрпение го очекуваме стартот на сезоната“, изјави Василев.
Виена Тимбервулфс се натпреварува во Втората лига на Австрија, а новата сезона ја почнува на 3 октомври со гостување кај Ваграм.


