Поранешниот тренер на МЗТ Скопје и Карпош Соколу, Драган Николиќ не е повеќе на клупата на романскиот прволигаш Динамо Букурешт, а управата на клубот е во интензивна потрага по негова замена.
Како најсериозен кандидат за испразнетата позиција се спомнува екс-тренерот на Барселона, Рожер Гримау кој се наоѓа во романската престолнина. Договор уште не е постигнат, но се очекува, ако биде задоволен од она со што располага Динамо, поранешниот шпански репрезентативец да го направи тоа следните денови.
„Не потпишал, тоа е процес, треба да види како стојат работите кај нас во овој момент. Точно е дека пристигна во Романија и дека е сериозен кандидат за функцијата, ќе остане овде два дена и ќе видиме дали ќе постигнеме договор“, изјави менаџерот на Динамо, Александру Јакобеску.
Гримау минатата сезона ја водеше Барселона како прв тренер, но не успеа да освои трофеј, ниту да оствари некој позначаен резултат.


