Македонската репрезентација вчера ги почна подготовките за квалификациските дуели против Литванија во ноемврискиот „прозорец“ на ФИБА.
Тимот не е комплетен бидејќи недостасуваат најдобрите играчи Ненад Димитријевиќ и Ти Џеј Шортс кои в четврток имаат евролигашки натпревари. Можно е Димитријевиќ да игра во вториот меч против Литванија, но засега се е неизвесно. Плејмејкерот Кристијан Николов ќе се обиде да ја пополни дупката на плејмејкерската позиција, но и тој е свесен дека ќе биде максимално тешко.
„На нас останува да дадеме се од себе, на нас е да изгинеме за секоја топка и да покажеме карактер, а останатото веројатно ќе дојде. Знам дека секој од моите соиграчи ќе извади максимум од своите сили и се надевам на позитивен резултат.
Тешко е сега да се прогнозира дали ќе се пласираме на Европското првенство бидејќи секој натпревар е посебна приказна и не знаеме кој ќе игра, а кој не. Ги имаме Нено и Шортс кои играат во Евролигата и кога би биле тие тука, тоа ќе биде друга приказна. Допрва ќе ги анализираме и Литванците, знам дека и тие нема да бидат комплетни што ќе биде многу тешко за скаутинг, имаат и нов селектор, па ќе видиме што ќе се случи“, рече кошаркарот на Пицабулс Џеди Осман.
Во вториот квалификациски „прозорец“, Македонија влегува со биланс 1/1 и, како што истакна и селекторот Јончевски, потребна ѝ е барем една победа против Литванија за да остане во игра за пласман на Европското првенство.


