Поранешниот шампион на Македонија, Тиквеш Голден Игл е едно од позитивните изненадувања во сезоната во домашната Суперлига, заедно со Маџари.
Тимот од Кавадарци успеа да влезе во топ-6 и да игра во плејофот од домашното првенство, а малку недостасуваше да стигне и до полуфиналето. На еден меч пред крајот, во клубот владее општо задоволство, а атмосферата ја пренесува генералниот менаџер на клубот Кирил Николовски, поранешен репрезентативец на Македонија и четирикратен освојувач на шампионската титула во домашното првенство.
„Полека ја привршуваме сезоната од која сите во Тиквеш Голден Игл можеме да бидеме задоволни. Целта ни беше да обезбедиме опстанок, а се пласиравме во плејофот и детали не делеа од место во полуфиналето. Имавме несреќа последните недели бидејќи еден од најдобрите играчи Дешон Парсонс си замина, а првиот скокач во тимот Стеван Глигоријевиќ се повреди и ги пропушти последните натпревари. Несреќнп загубивме од ТФТ и Маџари во првите две кола од плејофот, да ги добиевме тие два меча, се ќе беше поинаку, но и вака сме презадоволни. Ни останува уште мечот со Пелистер и потоа заминуваме на заслужен одмор“, изјави Николовски за КОШ.МК.
Интересно е тоа што првата фаза од сезоната, Тиквеш Голден Игл ја заврши со само три победи и во зоната за испаѓање, а во меѓувреме го заврши и настапот во Купот каде загуби од Работнички. Во „пролетниот“ дел тотално променета слика, а клучна беше серијата од три победи во финишт од основниот дел од првенството, вклучувајќи ја и онаа против директниот ривал за шестото место МКК Куманово која го однесе Тиквеш во плејофот.


