Македонската кадетска репрезентација го доживеа и четвртиот пораз на Европското првенство Б-дивизија во Скопје.
Денеска во „Јане Сандански“ каде што се играат натпреварите од шампионатот, подобра од нашите кадети беше селекцијата на БиХ која славеше со 61-56, па утре против Словачка, ќе се обидат да го избегнат последното место на табелата во својата група. Од четирите досегашни порази на Македонија, три се меѓу три и шест поени разлика.
Еден од клучните моменти вечерва беше третата четвртина која Босанците ја добија со 22-12 и го свртеа резултатот во своја корист откако на полувреме, нашите кадетите имаа минимална предност (28-26). Во последниот период Македонија со серија од 7-0 направи пресврт и поведе со 51-50, но следуваа 10 поени во низа на противникот за нокаут на нашата репрезентација.
Павел Ѓиновски со 21 поен и 7 скока беше убедливо најдобар играч во нашиот тим, но и единствен со двоцифрен ефект.


