Македонскиот првак МЗТ Скопје е поразен во првиот полуфинален меч од АБА 2 лигата и ќе има исклучително тешка шанса да се пласира во следната фаза од натпреварувањето.
На домашен терен, аеродромци загубија од Спартак со 73-78, па идниот викенд во Суботица не само што ќе мораат да победат, туку и тоа да биде изразено со повеќе од пет поени разлика. Три четвртини МЗТ Скопје беше апсолутно рамноправен, на моменти и подобар ривал, но не го издржа финишот во кој до израз дојде подолгата клупа на противникот и искуството кое кошаркарите на овој тим го имаат.
Првиот удар на мечот го зададе Спартак во првата и почетоот на втората четвртина кога по серијата од 13-0 поведе со 26-15. МЗТ не дозволи рано да биде решено прашање околу победникот, брзо се оттргна од шокот и до полувремето намали на четири поени негатива (31-35). Целосна контрола над резултатот, македонскиот претставник воспостави во третиот квартал кога не само што премина во водство, туку и ги достигна и своите највисоки +5 (55-50), но за жал тука застана.
Спартак направи серија од 11-2 за водство од 61-57, а во финишот, по тројката на Гордиќ, отиде повторно на двоцифрена предност (78-68). Со пет поени во последната минута, МЗТ Скопје се избори за поприфатлив пораз иако и таков исход не му одговара пред реваншот во Суботица.
Повторно Војдан Стојановски беше главен играч на МЗТ Скопје, сега со 20 постигнати поени иако не погоди ниеден од шесте обиди за тројка. Натпреварот на северот од Србија се игра на 4 мај од 19 часот.


