Екипата на Њујорк Никс намали на 1-2 во финалето од Источната конференција откако ноќеска на гостински терен ја победи Индијана со 106-100.
Тоа е и трет меч од оваа серија на кој славеше гостинскиот тим што стана заштитен знак на годинашниот НБА плејоф. Никс губеа и со 20 поени разлика во втората четвртина, но пресвртот што го најавија во третиот, го комплетираа во последниот период кој го добија со 36-20.
Херој на тимот од „големото јаболко“ беше Карл Ентони Таунс кој одби да се предаде и во моментите кога неговиот тим се наоѓаше во голем минус. Репрезентативецот на Доминиканска Република блесна во последната четвртина во која постигна 20 од своите 24 поени и покрај тоа што и тој и Брансон беа оптоварени со лични грешки. Брансон беше втор стрелец на Никс со 23 поени, но со релативно лош шут од игра (6/18) иако беше беспрекорен од линијата за слободни фрлања (10/10). Халибартон ја предводеше Индијана со 20 поени, додека Паскал Сијакам по оние 39 на вториот меч, ноќеска остана на само 17 за 35 минути во игра.
Победата во Индијанаполис значи дека Њујорк ќе има барем уште еден натпревар пред своите навивачи, но битно е дали тоа ќе биде на 2-2 или 1-3.


