Бранителот на трофејот МЗТ Скопје е прв финалист во годинашното издание од Купот на Македонија чија завршница се одржува во Куманово.
Тимот од Аеродром без никакви проблеми го совлда Кожув со 76-58, а може да се каже и дека го поштеди својот ривал бидејќи највисоката предност изнесуваше 26 поени, а цело второ полувреме се играше само формално затоа што не постоеше никаква реална можност за поинаков исход. По вчерашниот убедлив триумф против Работнички, ова беше уште еден натпревар во кој МЗТ Скопје ја покажа својата надмоќ во однос на ривалите во домашната кошарка.
Кожув денеска беше конкурентен во првите 15 минути во кои во четири наврати беше во водство од еден разлика. Сите дилеми околу победникот беа решени кон средината на вториот квартал кога МЗТ направи серија од 13-0 и поведе со 40-26. На полувреме беше 46-28, па цело второ полувреме се играше само ревијално и на хартија Кожув беше рамноправен затоа што резултатот во тие 20 минути беше 30-30.
Кај МЗТ повторно во листата на стрелците се запишаа сите кои се појавија на терен, со исклучок на Андоноски кој не играше. Смит беше најефикасен со 12 поени, а двоцифрени беа само уште Магдевски и Дамјан Стојановски. Кузманов го предводеше Кожув со дабл дабл ос 15 поени и 11 скока.


