Шампионот на Шпанија, Валенсија донесе големо засилување откако денеска го потврди ангажманот на Никола Миротиќ.
Искусниот крилен центар потпиша договор за сезоната 2026/27, а во Валенсија пристигнува по една успешна сезона во Монако. Миротиќ зад себе има исклучително богата кариера и важи за еден од најискусните европски кошаркари. Минатата сезона со Монако освои дури четири трофеи – францускиот Суперкуп, Лидерс купот, Купот на Франција и шампионската титула во Франција.
Во француското првенство во сезоната 2025/26 просечно постигнуваше 11,1 поен и 3,7 скока, со одлични 40,3 проценти реализација за три поени. Во Евролигата одигра 31 натпревар, со просек од 11 поени, 4,4 скока и 1,4 асистенции.
Со преселбата во Валенсија, Миротиќ ќе ја продолжи својата импресивна европска кариера и ќе ја одигра 13. сезона во Евролигата. Досега во елитното европско натпреварување има 307 настапи, на кои просечно бележи 14,4 поени, 5,2 скока и 1,2 асистенции. Воедно, по пауза од три години тој се враќа во шпанското првенство каде веќе играше за Реал Мадрид и Барселона.
Миротиќ е меѓу најдобрите играчи во историјата на Евролигата според индексот на успешност, а се наоѓа и меѓу најдобрите стрелци во историјата на натпреварувањето.
Во богатата кариера има освоено 15 клупски трофеи, меѓу кои шампионски титули во Шпанија, Италија и Франција. Со репрезентацијата на Шпанија освои златен медал на Европското првенство во 2015 година, како и бронза на Олимписките игри во Рио де Жанеиро во 2016 година. Има и пет сезони во НБА-лигата, каде што настапуваше за Чикаго Булс, Њу Орлеанс Пеликанс и Милвоки Бакс. По враќањето во Европа, играше за Барселона, а во 2022 година беше прогласен за МВП на регуларниот дел од сезоната во Евролигата.
Во новиот тим Миротиќ ќе му биде соиграч на македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс кој исто така летово се пресели во Валенсија. Минатиот викенд црногорските медиуми објавија дека подгоричанецот преговара со Будуќност, но очигледно не дошло до договор и тој повторно ќе игра во Евролигата.


