Лука Дончиќ продолжува да доминира на НБА-паркетите! Словенечкиот кошаркар приреди нова кошгетерска претстава, постигнувајќи неверојатни 53 поени во триумфот на Лос Анџелес Лејкерс над Портланд Трејл Блејзерс со 124-118.
Дончиќ беше убедливо најдобар поединец на теренот, а со својот учинок го постави највисокиот индивидуален резултат во досегашниот дел од сезоната 2026/27. За 38 минути игра, покрај 53-те поени, запиша и пет скока и пет асистенции.
Словенецот шутираше 17/33 од поле, погоди пет тројки од 15 обиди, а беше речиси беспрекорен од линијата за слободни фрлања, реализирајќи 14 од 15 обиди. За него ова беше 11-ти натпревар во кариерата на кој постигнува најмалку 50 поени, а четврти откако го носи дресот на Лејкерс.
Сепак, патот до победата не беше едноставен. Портланд имаше одличен почеток и во втората четвртина стигна до предност од 16 поени. Домашниот состав мораше да брка негатива, но Дончиќ ја презеде одговорноста токму кога беше најпотребно.
Неговата вистинска експлозија се случи во третата четвртина, во која постигна дури 20 поени и го предводеше пресвртот на Лејкерс. Гостите се обидоа да се вратат во последниот период, но Дончиќ и Остин Ривс не дозволија изненадување. Словенецот погоди и во самата завршница, вклучувајќи важен шут на 28 секунди пред последниот звук на сирената.
Ривс го заврши мечот со 25 поени, додека Вокер Кеслер додаде 16 поени и 12 скока. Во редовите на Портланд, Дени Авдија беше најефикасен со 22 поени, 11 асистенции и девет скока, ист број поени постигна и Демијан Лилард.
Со овој триумф Лејкерс стигна до четвртата последователна победа и продолжи во победнички ритам, предводен од фантастичниот Дончиќ.
РЕЗУЛТАТИ:
Бостон – Шарлот 119-80
Атланта – Вашингтон 139-132
Кливленд – Филаделфија 119-95
Далас – Јута 112-100
Милвоки – Торонто 107-121
Њу Орлеанс – Минесота 109-115
Мемфис – Оклахома 97-128
Сакраменто – Сан Антонио 109-124
Лејкерс – Портланд 124-118


