Младиот македонски кошаркар Виктор Бојаџи (2009 год.), висок 201 сантиметар, остави силен впечаток на престижниот камп SCORE 8, организиран под менторство на легендарниот југословенски и српски репрезентативец Игор Ракочевиќ.
Во конкуренција на 80 талентирани кошаркари од регионот, Бојаџи триумфираше во натпреварите во шутирање за три поени и во играта „еден на еден“, а беше прогласен и за најдобар играч (МВП) на кампот.
„Виктор е одличен атлета и технички добро поткован играч. Со напорна работа може да прерасне во лидер на македонската кошарка“, истакна Ракочевиќ.

Бојаџи потекнува од ИБА Академија, каде четири сезони работеше под менторство на тренерот Владимир Мирковски. Минатата сезона се пресели во младинските категории на Работнички, каде продолжи со својот кошаркарски развој.
Се очекува соработката со Мирковски да продолжи и во претстојната сезона, а големи се шансите овој исклучителен талент на само 16-годишна возраст да ги добие и своите први минути во сениорска конкуренција.
Доколку продолжи со вакво темпо на развој, Виктор Бојаџи несомнено ќе биде едно од имињата на кои македонската кошаркарска јавност ќе обрнува особено внимание во годините што следуваат.


