По релативно добриот старт на сезоната и билансот 2/2 по четири кола, Партизан влезе во лоша форма и во моментов е во серија од шест порази во Евролигата.
Како последица на тоа се најде на делба на последното место на табелата, пред големото дерби против Црвена Звезда идната недела во белградската Арена. Последниот триумф во Евролигата, Партизан го оствари на 17 октомври по што загуби од Виртус, Монако, Фенербахче, Париз, Барселона и Олимпија Милано.
Ваквата серија е нов момент во кариерата на најтрофејниот европски стручњак Жељко Обрадовиќ. За 34 години, колку што е тренер, легендарниот тренер на Партизан никогаш не загубил шест меча по ред во Евролигата, а нема да биде изненадување ако таа серија продолжи и идната недела бидејќи Црвена Звезда во моментов изгледа многу подобро од својот градски ривал.
Што е уште поинтересно, Обрадовиќ ги загуби последните осум пресметки против Звезда што, исто така, не му се случило никогаш порано во дуели со една екипа и ако доживее пораз и в четврток, тоа ќе биде деветти неуспех по ред.


