Српскиот претседател Александар Вучиќ неколку дена е во жестока војна со најтрофејните кошаркарски клубови од оваа земја Партизан и Црвена Звезда.
Лут на прозивките по Купот на Србија, а потоа и на вадењето финансиски извештаи кои ги демантираат неговите зборови, Вучиќ сега ги обвини белградските гиганти за фингирани бројки кога станува збор за посетителите на нивните натпревари.
„Овие од Партизан и Звезда многу сакаат да додаваат по околу 20% гледачи на нивните натпревари, па јас им реков: Добро, бидејќи измислувате и додавате, сега ќе ви правиме даночни контроли врз основа на бројката што сте ја изнеле, па потоа платете данок за тоа. Одеднаш престанаа да зборуваат за бројот на гледачи“, изјави Вучиќ, меѓу другото, на Саемот за туризам.
Нејасно е како тој открил дека двата клуба пријавуваат повеќе гледачи, особено во Евролигата која води сметка за тоа и според нејзините официјални бројки, Партизан е најгледан тим во елитното натпреварување.


