Плејмејкерот и најискусен играч во тимот на Црвена Звезда, Милош Теодосиќ ќе го пропушти утрешниот натпревар против Жалгирис, во шестото коло од Евролигата.
Според информациите во српските медиуми, ветеранот го свиткал зглобот и нема да патува на гостувањето кај лидерот на табелата во елитното европско натпреварување. Повредата не е од сериозна природа, но тренерот Јанис Сферопулос не сака да ризикува и покрај тоа што Звезда е во серија од два пораза.
Ова ќе биде трет пропуштен натпревар на Теодосиќ во Евролигата оваа сезона. Тој не играше и во првите две кола поради суспензија од финишот на минатата натпреварувачка кампања. Неговото отсуство ќе биде уште еден проблем, имајќи предвид дека во тимот подолг период ќе го нема и центарот Џоел Боломбој кој беше еден од најдобрите на почетокот на сезоната.


