Грчките клубови Олимпијакос и Панатинаикос се главни ова лето на трансфер пазарот и по се изгледа ќе водат жестока битка за титулата во Евролигата.
Откако двата тима значително се засилија летово, денеска сопственикот на ПАО, Димитрис Јанакопулос објави дека неговиот клуб донел уште едно ѕвездено засилување. Станува збор за охриѓанецот Џеди Осман кој во Панатинаикос доаѓа од Сан Антонио Спарс, а се враќа во Евролигата по седум години поминати во НБА.
„Добро утро од три причини. Првата е дека ривалите во Евролигата значително се засилија пред новата сезона. Втората е дека одам во Сунио, а на крајот, дозволете ми да објавам дека од овој момент Џеди Осман е играч на Панатинаикос“, рече Јанакопулос на Инстаграм.
Осман беше пред договор со Реал Мадрид, интерес постоеше и од Партизан и Анадолу Ефес, но во последен момент во игра влегол Панатинаикос кој дал понуда која охриѓанецот не можел да ја одбие. ПАО ќе биде втор европски клуб во неговата кариера откако од 2012 до 2017 година настапуваше за Анадолу Ефес и со тој клуб дебитираше во сениорска конкуренција.


