По вчерашниот кошаркарски маратон во Куманово, денеска на програмата се двата полуфинални дуели од Купот на Македонија.
Натпреварите се играат од 17 и 19:30 часот, а победниците ќе ги дадат учесниците во утрешното финале кои ќе се борат за пехарот.
Први на терен излегуваат МЗТ Скопје и Кожув во реприза на финалето од минатата година кога тимот од Аеродром оствари убедлива победа. И сега бранителот на титулата е убедлив фаворит откако Кожув неделава остана и без својот најдобар играч Вашингтон, а се засили со довчерашниот плејмејкер на ТФТ, Никола Василевски. МЗТ нема ниеден пораз на терен оваа сезона на домашна сцена, единствениот го доживеа службено, поради административна грешка на дуелот со Ангели што доволно зборува за надмоќта на шампионот во однос на останатите екипи. Кожув му даде силен отпор во Суперкупот во септември, беше на чекор до сензација, но сепак загуби. Во меѓусебниот дуел во „Јане Сандански“ во декември, екипа на Васко Атанасов славеше со 22 поена разлика.
Вториот полуфинален дуел се очекува да биде далеку поинтересен бидејќи во него се среќаваат екипи со сличен квалитет, а ќе биде вклучена и публиката. Домаќинот МКК Куманово пред своите навивачи ќе се сретне со ТФТ во надеж дека првпат во својата кратка историја ќе стигне до големото финале. Кумановци вчера во финишот го скршија отпорот на Пелистер и се надеваат дека и денеска, пред преполни трибини ќе излезат како победници. ТФТ веќе има искуство во оваа фаза од Купот, пред четири години без проблеми ја помина и се пласира во финалето од Купот каде подоцна го освои пехарот, во дуел против МЗТ Скопје. Токму од шампионот, тимот од Тафталиџе оваа сезона го доживеа единствениот пораз во домашната кошарка, а пред крајот на ноември, на домашен терен го совлада МКК Куманово со 80-64.
Победниците од денешните натпревари ќе играат во утрешното финале кое ќе почне во 19 часот.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
17:00 МЗТ Скопје – Кожув
19:30 ТФТ – МКК Куманово


