Поранешниот шампион на Македонија, Еуро Никел конечно се раздвижи и со нова енергија ја дочекува претстојната сезона.
По долгото затишје, Општината Кавадарци почна постапка за преземање на функционирањето на клубот со тоа што досегашниот сопственик Еуро Никел (со друго име) ќе биде генерален спонзор.
„Денес Советот на Општина Кавадарци донесе Одлука за отпочнување постапка за преземање на МКК ЕУРОНИКЕЛ 2005 АД Кавадарци. Со оваа одлука Советот на Општина Кавадарци дава согласност за отпочнување на постапка за превземање на машкиот кошаркарски клуб ЕУРОНИКЕЛ 2005 Акционерско друштво Кавадарци во целост без надомест, во 100 % сопственост на Општина Кавадарци со обврски во моментот на превземањето. Причина е тоа што врз основачот на МКК ЕУРОНИКЕЛ 2005 АД Кавадарци покрената е стечајна постапка. Кавадарци за сите!“, стои во соопштението на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.
Тоа не е се. По пет години, клубот најверојатно повторно ќе го смени своето име и повторно ќе се вика Тиквеш, но пред него ќе стои и името на спонзорот. Со оглед на тоа што фабриката Еуро Никел има нови сопственици, компанијата Јилдирим од Турција, таа во иднина ќе се вика Голден Игл, па целото име на Кошаркарскиот клуб најверојатно ќе биде Голден Игл Тиквеш. Процедурата за промена на името најверојатно нема да заврши до почетокот на сезоната и клубот по се изгледа ќе почне со старото име – Еуро Никел, за подоцна или на крајот од натпреварувачката кампања, сепак да го промовира новото.
Последен пат, под името Тиквеш, трикратниот шампион на Македонија настапуваше во периодот од 1999 до 2002 година. Во својата историја, тој се викаше и Орка Спорт и Фени Индустри со кого ги забележа најголемите успеси во постоењето.


