Екипата на Тофаш, предводена од Емил Рајковиќ останува со максимален ефект на домашен терен и по седум одиграни натпревари пред своите навивачи.
По Фенербахче и Анадолу Ефес, македонскиот стручњак го совлада и второпласираниот на табелата во турскиот шампионат Бахчешехир, со 92-82. Гостите имаа и 12 поени предност во втората четвртина, но во второто полувреме, особено во последната четвртина Тофаш направи огромен пресврт и дојде до триумфот. Победата беше најавена со серијата од 12-0 меѓу третиот и четвртиот период за подоцна само да биде скршен отпорот на тимот кој до ова кола имаше само два пораза во првенството.
Тофаш останува со максимален ефект на домашен терен, но и без победа на гости оваа сезона. Првата победа на гостински терен ќе ја брка в недела во Измир против Каршијака на која не ѝ оди најдобро оваа сезона и досега има само два триумфа на 12 натпревари.


