Кошаркарките на Голден Стејт Валкириз испишаа историја, освојувајќи ја шампионската титула во ВНБА лигата уште во својата втора сезона од постоењето. Во решавачкиот седми натпревар од финалната серија, тимот од Сан Франциско ја совлада Атланта Дрим со 68-63 и со вкупни 4-3 стигна до трофејот.
Хероина на финалето беше Габи Вилијамс, која одигра спектакуларен натпревар и постигна 30 поени. Француската репрезентативка беше прогласена за најкорисна кошаркарка на финалната серија, откако во просек бележеше 19,6 поени и 2,6 украдени топки по натпревар.
Вилијамс особено блесна во второто полувреме, во кое постигна дури 28 од своите 30 поени. По првите 20 минути Голден Стејт имаше негатива од шест поени, но нејзината одлична игра во продолжението го промени текот на натпреварот. Во третата четвртина постигна 15 поени, а во завршницата презеде целосна одговорност.
При израмнет резултат 53-53, Вилијамс постигна девет последователни поени за својот тим, вклучувајќи и важна тројка со која Валкириз направија исчекор кон историскиот триумф. На крајот, нејзиниот учинок беше дополнет со три скока, четири блокади, две асистенции и две украдени топки.
Важен придонес во победата имаше и Кија Стоукс со 13 скока и две блокади, додека Вероника Бартон со два погодени слободни фрлања во последните секунди ја потврди титулата. Кај Атланта, Џордин Канада беше најефикасна со 18 поени, а Алиша Греј заврши со 16.
Успехот на Голден Стејт е историски и од поширок аспект. Валкириз станаа најбрзиот новоформиран професионален тим во северноамериканските лиги од 1967 година наваму што стигнал до шампионската титула – им беа потребни само две сезони за да се искачат на врвот. Досегашниот рекорд го држеше Милвоки Бакс кој до трофејот стигна во својата трета сезона (1971 година).
За Вилијамс ова е прва шампионска титула во ВНБА, а нејзиното извонредно издание во решавачкиот натпревар ќе остане едно од највпечатливите во историјата на финалните серии.


