Вечерва од 19:15 часот во „Јане Сандански“ официјално почнува финалето во македонското кошаркарско првенство во кое трет пат во низа, за титулата ќе се борат екипите на МЗТ Скопје и Пелистер.
Тоа ќе биде нова шанса за битолскиот клуб да ја прекине доминацијата на тимот од Аеродром кој од 2012 година е неприкосновен во македонската кошарка. Во овој период освои 10 титули во првенството и 8 во националниот Куп и сериозно се заканува да го преземе приматот од Работнички кој од 2009 година има само еден шампионски трофеј. МЗТ Скопје до финалето стигна без претрпен пораз бидејќи лесно излезе на крај со Гостивар и ТФТ и покрај тоа што во меѓувреме имаше обврски и во плејофот од АБА лигата.
Ова е второ финале меѓу МЗТ Скопје и Пелистер сезонава бидејќи тие двете екипи се сретнаа и во мечот за титулата од Купот на Македонија во кој славеше актуелниот шампион. Пелистер се уште го очекува првиот пехар во својата историја, но ќе има тешка задача ако се знае дека предноста на домашниот терен е на страната на МЗТ Скопје. Поради тоа ќе мора да направи барем еден брејк, како што беше случај во полуфиналната серија против Работнички.
Претходните две сезони МЗТ Скопје немаше поголеми проблеми во финалните серии против Пелистер. Во 2022 година славеше со 3-0, а лани загуби еден натпревар во Битола, но сепак релативно лесно стигна до трофејот.
Оваа сезона, МЗТ Скопје и Пелистер се сретнаа четири пати, во три натпреварувања. Во домашното првенство, на двата меча славеа битолчани, вклучувајќи го и дуелот во „Јане Сандански“ на почетокот од оваа година. Аеродромци триумфираа во дуелот од АБА 2 лигата и во спомнатото финале од Купот на Македонија чија завршница се играше во Битола. Финалната серија од плејофот се игра до 3 победи со тоа што домаќин на првите два меча е МЗТ Скопје, третиот и евентуалниот четврти се во Битола, а евентуалната „мајсторка“ во „Јане Сандански“.
Вечерва од 18 часот стартува и серијата за третото место меѓу Работнички и ТФТ. Третата позиција ќе ја освои тимот што прв ќе дојде до две победи.


