Ергин Атаман продолжи јавно да ги плука своите кошаркари откако по денешниот натпревар АЕК јавно го искритикува Ришон Холмс.
Панатинаикос оствари убедлива победа, со 25 разлика (103-78) и навистина немаше потреба од критики, но Атаман не мислеше така и продолжи во свој стил.
„Катастрофален почеток, бидејќи не притискавме и не игравме одбрана. Нашите големи играчи, почнувајќи од Ришон Холмс, спиеја на теренот, не се движеа правилно и им дозволивме 31 поен само во првата четвртина. После тоа, сфативме дека мора да се бориме бидејќи АЕК е добар тим, а имаме ист резултат во нашата лига. Потоа најдовме ритам и се надевам дека можеме да продолжиме со истиот интензитет што го покажавме во последните шест, седум минути. За жал, нашите резервни играчи, особено на почетокот, не ни го дадоа она што ни требаше, не ни дадоа енергија, па затоа мора да играме со главните играчи бидејќи оваа победа ни е неопходна“, рече Атаман.
😂😂😂😂😂😂😂
— Richaun Holmes (@Rich_Holmes22) March 15, 2026
Холмс не чекаше многу и веднаш се јави со комичен статус на Твитер, а во негова одбрана застана и сопругата која го нападна Атаман.
„Силните организации стојат зад своите играчи. Одговорноста е дел од играта, но почитта и поддршката секогаш треба да бидат на прво место. Организација која јавно ги напаѓа своите играчи наместо да ги поддржува е срам, а не семејство!“, напиша госпоѓа Холмс.
Ова не е првпат Атаман јавно да ги критикува своите кошаркари. Во првата сезона во ПАО негова цел беше Хуанчо Ернангомес, а на почетокот од оваа, речиси редовно го критикуваше македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс. Неодамна, кога сопственикот Димитрис Јанакопулос јавно го искритикува Атаман, Турчинот изјави дека сфати како им е и на играчите и вети дека повеќе нема да ги апострофира, но очигледно тоа кратко траеше и си продолжи со својата практика.


