Со нов тренер и нова управа, екипата на Пелистер почна со победа во македонското кошаркарско првенство, откако во дербито на првото коло на домашен терен го совлада ТФТ со 78-70.
Битолчани подобро го почнаа натпреварот и по првите десет минути имаа четири поени предност (20-16). ТФТ, сепак, не дозволи домаќинот да се одлепи и во продолжението одговори со подобра игра, па на полувремето Пелистер замина со минимално водство од 38-37.
Неизвесноста продолжи и по паузата. Двата тима се менуваа во водство, а Пелистер никако не успеваше да создаде посериозна разлика. ТФТ долго време беше рамноправен противник, но во последната четвртина домаќинот успеа да го подигне нивото на игра.
Во клучните моменти Пелистер одигра поконцентрирано, направи доволна разлика и го приведе натпреварот до сигурен крај. На крајот, семафорот покажа 78-70 за прва победа на битолчани во новиот шампионат.
Камерон Мекдауел беше предводник на Пелистер со 19 поени, на кои додаде и седум скока. Кај ТФТ, најдобар поединец беше Сила, кој одигра одличен натпревар и заврши со 31 поен и девет скока, но неговиот учинок не беше доволен за позитивен резултат на гостите.


